ПРИФАТЕНО БАРАЊЕТО ЗА ЗАШТИТА НА ЗАКОНИТОСТА НА ОВА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ВО СЛУЧАЈОТ НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО

Врховниот суд на Република Македонија на 6 ноември годинава донесе пресуда со која го уважи Барањето за заштита на законитоста поднесено од ова Јавно обвинителство, а со која пресуда е утврдено дека со решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје I Скопје, во однос на лишувањето од слобода на Едмонд Темелко, е повреден законот во корист на обвинетиот.

Со пресудата на Врховниот суд е потврдено решението на судијата на претходна постапка од 12 февруари 2016 година, со која беше утврдено дека е законита наредбата на ова Јавно обвинителство за лишување од слобода на Темелко.

Воедно, Врховниот суд најде дека ова Јавно обвинителство е надлежно за конкретниот случај, дека има овластувања да издаде наредба за лишување од слобода, да раководи со предистражна постапка, да ги насочува дејствијата на надлежните органи и дека ја има на располагање правосудската полиција. Исто така, со пресудата се укажува дека е погрешен ставот на Кривичниот совет дека наредба за лишување од слобода може да издаде само надлежен суд, туку прецизира,  дека основно право и должност на јавен обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела и да ги презема потребните мерки и дејствија.

Како потсетување, на 12 февруари 2016 година, по наредба на јавен обвинител на ова Јавно обвинителство, Едмонд Темелко беше лишен од слобода, а од судија на претходна постапка беше побарано да се изрече мерка притвор. Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на истиот Суд на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода.